Brochure for the exibition Homage od Archimandrite Kalistrat of Zograf (1830?-1814-2014)

16
ИЗЛОЖБА ПО ПОВОД ЈУБИЛЕЈОТ 100 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА Архимандрит КАЛИСТРАТ ЗОГРАФСКИ 1830? - 1914 - 2014

Transcript of Brochure for the exibition Homage od Archimandrite Kalistrat of Zograf (1830?-1814-2014)

ИЗЛОЖБАПО ПОВОД ЈУБИЛЕЈОТ 100 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА

Архимандрит КАЛИСТРАТ ЗОГРАФСКИ1830? - 1914 - 2014

ИЗЛОЖБАпо повод јубилејот 100 години од смртта на Архимандритот КАЛИСТРАТ ЗОГРАФСКИ

Музичко научна манифестација СТРУШКА МУЗИЧКА ЕСЕН

Организатор:Сојуз на композиторите на Македонија - СОКОМ

Претседател:Сони Петровски

Селектор на СМЕ:Ивона Опетческа Татарчевска

Соработник на изложбата:Димитри Кумбароски

Благодарност до семејството Санџакоски со чија помош се реализира оваа изложба. Најголемиот дел од експонатите и припаѓаат на нивната семејна ризница која е создавана повеќе од еден век, почнувајќи од Архимандритот Калистрат и неговиот брат Јоаким, отецот Владимир Санџакоски и неговите синови Јоне, Ромил, Јаким и отец Стефан, како и помладите генерации на семејството.

ваа година се навршуваат 100 години од блажената смрт на Високопреподобниот Архимандрит

ОКалистрат Зографски, светиот игумен на Зографската монашка обител на Света Гора Атонска. Иако станува збор за личност чие творештво трајно ги збогати духовните и културните силоси на нашиот

народ, и кое истовремено претставува и универзален цивилизациски принос, не без жалење констатирам дека Калистрат Зографски е заборавен од нас денес. Природно се поставува прашањето, зошто е тоа така? Одговорот може да се претпостави. Најверојатно бидејќи не сме му дораснати! Полесно би ни било без Калистрат, отколку со него. Неговиот принос се наоѓа толку високо, што од низините во кои сме свикнале да живееме речиси е невозможно да го видиме. Поточно, не сакаме да го видиме и не сакаме да се издигнеме во височините кои ни се нудат, туку им се предаваме на стихиите на овој свет и век. Што ќе ни е нам Калистрат – си велиме, и неговата просфора која се прилага пред Престолот Божји за нас и нашето спасение. Нам тоа сега не ни е потребно. Сега не е време за Калистрат и неговото творештво. Тоа може да чека. Нам сега ни се потребни фалсификувани историски наративи, митологија и примитивизам. Така размислуваме, но времето очигледно не е наш сојузник.

А Калистрат е тука! И денес, и пред 100 години и во веки, и чека. Чека да проработи нашата совест и да престанеме да се однесуваме безодговорно кон сведоштвото кое го примивме и тоа без да имаме некој особен учинок во него. Тука е и чека да се вратиме на духовните сокровишта, пластени низ историските еони во трудот и молитвата на нашите родители и предци, и да го дадеме својот скромен придонес и принос, за да можеме да им бидеме ним достојни и да обезбедиме иднина за нашите деца.

Имајќи разбирање за важноста на овој јубилеј, Сојузот на композиторите на Македонија и неговата музичко-научна манифестација Струшка музичка есен, реши скромно да го одбележи истиот, преку овој настан вечерва за што искрено им благодарам. Особена благодарност им изразувам на семејството Санџакоски, потомците на Архимандритот Калистрат Зографски, кои ни помогнаа во организирањето на изложбата така што несебично споделија дел од артефактите од нивната семејна ризница. Но всушност мојата благодарност до нив повеќе се однесува на тоа што ова семејство и денес непоштедно ја зрачи Вистината и љубовта кон Вистината која пред повеќе од 100 години на овој народ му ја зрачеше и сеуште му ја зрачи Архимандритот Калистрат.

Ве поздравуваме и Ве каниме да ја споделите со нас радоста која ни претстои. Вечнаја памјат и на многаја лета! Д-р Димитри Кумбароски

2

ележит игумен и архимандрит на општежителниот манастир Св. Георгиј - Зограф

Бна Света Гора Атонска. Роден е во 1830 (?) година во Струга. Енциклопедиски образован и задлабочен подвижник, теолог, музиколог и филолог. До

замонашувањето работел како професор по грчки јазик и црковно пеење. Во манастирот Зограф ги создал: музичкото училиште и преведувачкото, калиграфско-препишувачко училиште. Како блескотен теоретичар на византиската невматска музичка традиција, композитор и псалт од една страна и одличен познавател на старогрчкиот, старословенскиот, новогрчкиот и романскиот јазик од друга страна, создавал несмртни музички дела и преводи. Со нив ги богател културните и цивилизациски силоси на православната икумена и на православниот македонски народ. Калистрат Зографски е можеби најдобриот познавател на византиската невматска лествица создадена од славниот подвижник, композитор и псалт, св. Јован Кукузел (XII век). Калистратовите транскрипции на дел од Кукузеловиот музички опус ќе останат запаметени како ненадминати. Автор е на базичната музичка литература „Восточно црковно пение„ во четири тома, отпечатена на Света Гора Атонска во 1905 год. Автор е на повеќе оригинални композиции. Најпознати се: евхаристискиот канон Отца и Сина и Достојно јест, во повеќе гласови. Како редактор на зографската издавачка дејност и како брилијантен познавател на повеќе класични и живи јазици, Калистрат Зографски, прв, ги преведува и ги печати службите на св.Климент Охридски, св.Наум Охридски и св.Седмочисленици, од старогрчки на црковнословенски јазик запишани во поазнатиот Мосхополски кодекс. Уживал репутација на уникален зографски псалт. Се упокоил во зографската монашка киновија во 1914 година. Поради неговиот смирен, зеркателен и аскетски живот се смета за еден од најомилените духовници на Атонскиот манастир Зограф. Неговите мошти до денес се чуваат во зографската монашка костурница. Неговиот придонес кон музичките и филолошките науки е живо реактуелизиран во современите научни кругови.

АРХИМАНДРИТ КАЛИСТРАТ ЗОГРАФСКИ(извадок од книгата „Историјата како иконостас” од проф. д-р о. Стефан Санџакоски, Икона, 2003)

3

Проф. д-р Сотир Голабовски за Калистрат Зографски(извадок од трудот „Од музичкото минато на Струга”, Македонска музика, Скопје: СМЕ, стр. 43)

рвпат во мојот цитиран труд, благодарение на податоците што ми ги даде прота Владе Санџак,

Пмакар во кратки црти беше осветлена една многу значајна личност за македонската музика - Крстан Санџак /Калистрат Зографски, монашко име и презиме/. Овој дотогаш воопшто непознат

на нашата културна јавност музички деец кој делувал во Струга и Света Гора, има напишано поголем број композиции кои од музиколошка гледна точка се мошне значајни и интересни. Во ова се уверија и оние кои го следеа концертното матине во црквата Св. Георгија во Струга, одржано во рамките на XI Струшки вечери на поезијата. Тогаш првенецот на Скопската опера Георги Божиков исполни четири творби /Отца и Сина V глас, Достојно ест IV глас, Отца и Сина VII глас и Достојно ест I глас, што колегата Драгослав Ортаков и јас ги дешифриравме и хармонизиравме за оваа прилика. Тоа беше прва "жива" средба со музиката на овој мошне даровит и виден македонски музичар кој живеел од 1830 до 1913 година. Бил наставник по грчки јазик во Струга, а развил богата музичка активност особено како духовно лице во светогорскиот манастир Зограф. Неговите творби укажуваат на тоа дека се работи за музичар кој имал сили со својата општа и музичка култура да се издигне над својата средина и да создаде дела кои битно ќе се разликуваат од оние што тогаш биле создавани во стилот на едногласното византиско-словенско црковно пеење. Уште при оваа прилика ние забележавме дека во творбите на Калистрат се чувствуваат извесни напеви од струшката градска песна и од руското партесно пеење од XIX век, макар што во основите тие и припаѓаат на византиско-словенската традиција во Македонија. Иако нам ни беше познато дека Калистрат бил одличен теоретичар, бидејќи тој за потребите на црквата превел повеќе дела од Јован Кукузел, од најкомплицираната неовизантиска - на Хризантовата невматска нотација, а и тоа дека Петар Сарафов за својата книга "Раководство за практическо и теоретическо изучване на восточната црковна музика", печатена во Софија 1914 год. специјално отишол во Света Гора за да се консултира по одделни прашања со Калистрат Зографски, а исто така Петар Динев во својата книга "Раководство по современа византиска невменa нотација", издадена во Софија 1964 год. како базична литература го споменува делото "Восточно црковно пение" во четири тома од Калистрат Зографски, издадено во Света Гора 1905 год. Сепак уште при дешифрирањето на неговите напеви заследивме богати но логични и неконвенционални мелодиски линии, формално единство и оригиналност на идеите од што можеме

4

да заклучиме дека се работи за даровит творец што учествувал не само во развитокот на општословенската музичка традиција туку и во создавањето на новиот музички јазик на македонската православна црква. Како уредник на изданијата на светогорскиот манастир Зограф, Калистрат со своето познавање на старогрчкиот и новогрчкиот, романскиот и црковно-словенскиот јазик можел да се јави и како преведувач на текстовите на бројни напеви како и комплетни служби - на Св. Климент и Св. Наум Охридски, на Св. Седмочисленици и др. За самиот Калистрат Зографски, за жал се уште малку знаеме. Непознато ни е

каде се се школувал, какви биле неговите сознанија за средноевропската теорија на музиката, каде с патувал и други податоци éза неговиот живот и дејност што се од пресудно значење за давање квалификувани одговори на некои прашања за неговата музичка дејност. Едно е сигурно дека тој, уште во Струга располагал со основните музички знаења бидејќи во манастирот Зограф отишол релативно возрасен, како професор по грчки јазик а веќе во 1905 година го издал своето монументално дело "Восточно црковно пение".

Карактеристики на мелодиката Од спомнатиот период во македонската музичка литература среќаваме поголем број оригинални духовни музички творби од македонски автори но творбите на Калистрат Зографски се издвојуваат од ова творештво. Тие се уникати во својата категорија бидејќи во нив се чувствува во голема мера еден природен духовен одраз на животот на самиот Калистрат, духовната арома од подрачјето од каде што потекнува, а и тенденцијата да се излезе од рамките на својата средина. Ваквите резултати, вклучувајќи ги тука и познавањето на четири странски јазици и теолошката подготвеност, укажуваат дека се работи за една личност интелектуално љубопитна но, од друга страна во своето однесување со луѓето крајно скромна и едноставна. Ова го потврдува и фактот што кога на Калистрат му била понудена титулата епископ, тој од монашка скромност ја одбил. Оваа контрадикторна личност и во своето дело останала иста, не одделувајќи се од традициите на Хризантовата теорија. Но во своето дело тој внесува елементи кои тогаш биле актуелни и за средноевропската музика. Неговата личност се гледа и во карактерот на неговата музика која од една страна е одраз на секојдневниот живот на луѓето, напоена од фолклорот на неговиот роден крај, а од друга страна неговиот фанатичен однос кон христијанската догма. Неговиот широк дух не можел да се задоволи со тесноградото музицирање на средината која го опкружувала што користела мелодиски формули или ограничени во амбитус од два или три тона или пак здодевно повторување на одредени мелодиски стереотипи. Напевот Отца и Сина V глас н.пр. има амбитус од дуодецима. Слични се неговите други творби. Уште во почетната фраза од напевот Отца и Сина V глас, кој подробно ќе го анализирам низ моево излагање, се гледаат некои елементи од досега реченото. Имено, овој напев почнува со ауфтакт на доминантата кој оди во тоника, карактеристичен почеток за голем број творби, особено маршеви, од романтичниот период на

5

европската музика. Во прилог на оваа теза оди и фактот што во понатамошниот тек од оваа фраза е повишено седмото стапало во, условно земено, еолскиот модус, што петтиот глас го доближува до хармонскиот мол. Ако сакаме на оваа мелодиска фраза, да и дадеме латентна хармонија, тогаш резултатот би бил - две автентични каденци /ДТДТ/. Очевидно е дека во конкретниов случај станува збор за мелодиска фраза која извира од хармонијата. Што секако не е карактеристично за овој вид творештво кое знаеме дека извира од хоризонталната логика на системот на октоихот. Ваквиот начин на музичко мислење во делата на Калистрат можеме да кажеме дека делумно извира од струшката песна од тоа време, за која знаеме дека се развивала особено од половината на минатиот век под големо влијание на средноевропската музика. Како друга можност за ваквите влијанија можеме да ги споменеме контактите што Калистрат ги имал во светогорските манастири со руското партесно пеење. Но, од натамошниот тек на оваа мелодија ќе видиме дека Калистрат се дистанцира и од спомнативе традиции и почнува да се движи на еден логичен и своевиден начин. Вака изгледа првиот дел од мелодиска гледна точка. Од означените латентни хармонии и од самото движење на мелодијата може да се заклучи дека во овој музички состав не постои некоја однапред одредена рационална конструкција, но затоа пак видливо е дека и мелодијата и хармонијата се движат мошне логично и оригинално. Интересно е да се подвлече што петтиот глас кај Калистрат во ова дело варира помеѓу дурскиот и молскиот тоналитет. Повеќе би можеле да кажеме дека ова е дурски тоналитет, што не оди во прилог на византиската теорија за петтиот глас. Ако почетната фраза ја третираме како А-дур, тогаш честите премини од дур во паралелен мол и завршната каденца на паралелен мол очигледно укажува на руското влијание врз оваа мелодиска формула, но сепак не можеме да кажеме дека тоа е руска традиција туку чисто своевидна творба на Калистрат Зографски т.е. тоа е новиот стил во македонската духовна музика. Овој пример јасно ни кажува дека Калистрат во своите дела успешно ги синтетизирал традиционалните форми во источната православна црковна музика, фолклорот на поднебјето од каде што потекнува и елементите на рускиот партесен стил. Одделно гледано овие елементи се внесени во оваа музика не имитаторски туку во креативна, мошне незабележителна форма. Во тоа всушност и лежи големината на неговата музика...

6

Проф. д-р Јане Коџабашија за Калистрат Зографски(извадок од трудот „Калистрат Зографски - време, живот, творештво,Црковното пеење во Македонија, Центар за византолошки студии, Скопје, стр. 35)

свен со преведувачка и композиторска дејност Калистрат Зографски се занимавал и со

Отеоријата на источното црковно пеење. Неговиот единствен теоретски труд има наслов Правила и претставува вовед во Воскресникот – Првиот дел од зборникот

Источно црковно пеење. Разбирливоста и едноставноста на јазикот со којшто говори Калистрат во оваа кратка граматика укажуваат на високиот степен на образованост и студиозност, од една, и неговото суверено владеење со теоријата на хрисантовиот музички систем, од друга страна.

Во своите истражувања Калистрат Зографски дошол до интересни согледувања за византиската музичка семиографија и ортографија. За жал, теориското образложение на овие свои истражувања, по се изгледа, не ги објавил, туку само практично ги применил во зборникот Источно црковно пеење. Во една од творбите Достојно ест на петти глас во Литургијата во неколку наврати се употребени последователни горгони, што е многу невообичаено во теоријата на источното црковно пеење. Во следниот фрагмент од оваа композиција се среќаваат два такви примери 1. тоновите коишто следуваат по елафронот (врз слогот „га”) – апострофот со пунктиран горгон и двете кендими со горгон и 2. тоновите претставени со исон и две кендими со горгон групирани со олигон (врз слогот „ше”) и ипорои со горгон.

(фрагмент 1)

Во вториот пример не е јасна ниту логична употребата на двата последователни горгони. По се изгледа станува збор за печатна грешка: двете кендими со горгон под олигонот, би требало да се

7

стават над олигонот. Но, тоа не може да се каже и за вториот пример, во којшто идејата на Калистрат е: групата од три тонови (двете кендими со горгон и ипорои со горгон) да се испее како втор дел од тактот. Овој пример најприближно може да се запише со тригоргон пунктиран на првото колено: (фрагмент 1а)

Очигледно е дека Калистрат со ова го отвара прашањето за рационализација на хрисантовиот ортогрфаски систем: со различно комбинирање на еден ист знак (во случајот тоа е горгонот) да се добијат и други вредности и да се избегне употребата на нови знаци. Оваа ритмичка фигура од два последователни горгони којашто Калистрат Зографски ја користи во своите музички зборници, од теоретичарите на источното црковно пеење не е образложена и не е употребувана пошироко. Во 1997 година работејќи на зборникот Пасхалија од Јоан Хармосин – Охридски, на едно место во причесната на први глас (Тело Христово) наидов на следниот фрагмент, во којшто два последователни тонови (апостроф и две кендими) имаат горгон: (фрагмент 2)

Сметајќи дека станува збор за печатна грешка, во новото издание на книгата Пасхалија (издадена во 1999 година), горгонот од апострофот го преместив врз знакот олигон со антикенома (којашто се наоѓа непосредно пред него).Подоцна, кога работев врз зборникот Литургија, забележав дека Калистрат, преземајќи ја од Пасхалија оваа иста композиција на Јоан Хармосин – Охридски, не само што не ја исправил „печатната грешка” со последователните горгони, туку во истава творба на Јоан Хармосин, ги употребил уште еднаш. Тогаш сфатив, дека двата последователни горгони се употребени со цел да се добие друга ритмичка фигура, која што може да се запише и со дигоргон пунктиран на првото колено:

8

(фрагмент 2а)

.... Овие ритмички вредности добиени со два или три последователни горгони, или со дигоргон по којшто следува горгон, во источната црковна музика теоретски досега не се образложени. Калистрат е еден од првите коишто ги употребува во поголема мера, со што дава несомнен придонес во развојот на теоријата на хрисантовиот музички систем.

9

Д-р Димитри Кумбароски за Калистрат Зографски(извадок од трудот „Анализа на напевот Достојно јест на прв глас од Архимандрит Калистрат Зографски”, СМЕ 2014)

поред белешките во насловот и воведната мартирија, напевот на Калистрат Зографски е

Снапишан во есо прв глас. Во однос на лествичната структура, овој глас е со основен тон Па (Ре) и ја користи лествицата на мекодијатонскиот род (два мекодијатонски тетрахорди поврзани

со голем степен). Доминантни во ирмолошкиот мелос во есо прв глас се тоновите Па (Ре), Ву (Сол) и Ке (Ла). Овие својства, воглавном се запазени и во напевот на Калистрат Зографски. Она што сепак е необично, а се однесува на звучењето на гласот е енхрамонската фтора на тонот Ву (Ми) во стихот „и матер Бога нашего” и „Бога слова рождшују”. Оваа фраза, која не е класичен образац за завршна каденца на тонот Па (Ре) во бавен ирмолошки мелос, ја среќаваме и кај Георги Сарандаеклисиот, но како фраза на прв плагален (петти) глас (Αξιον εστι,

Γεωργιου Σαρανταεκκλησιωτου, Ηχος πλ. Α' – Καλλιφωνος Αηδων – Αγιον ορος -1933 (1984), стр. 151). Самата фраза пак, му припаѓа на четврти агиа тврдо дијатонски глас. Бидејќи најголемиот дел од мелурзите преведувани од Архимандритот Калистрат се негови современици (Нектариј Влав, Антониј Смирнски, Георги Сарандаеклисиот, Дионисиј Светогорец, Мелетиј Сисанијски, Анастасиј Рапсаниот), природно е нивниот стил на мелотворење да се одрази и во делата на Калистрат. Она што е својствено пак за нив, но и за многу други современи мелурзи е тоа што, честопати, мелургијата ја засноваат врз својот личен пејачки опит и моменталната инспирација. За Георгиј Сарандаеклисиот се знае дека имал прекрасен глас и дека имал одлично познавање на отоманската музика и особено ритмите. На ист начин говори и усното предание во Манастирот Зограф на Св. Гора за нашиот Калистрат. Но, честопати, потпирањето единствено на спомнатите особини (пејачки опит и моментална испирација) знае да ја деранжира релацијата со преданската практика на мелотворење (Петар Пелопонески и пред Петар) и да доведе до инволвирање музички елементи несвојствени за црковниот мелос. Во напевот на Калистрат Зографски ја забележуваме таа тенденција. Динамиката на фразата честопати е условена од виртуозното движење на гласот и придонесува да се наруши целокупноста на мелосот.

10

Тоа не е случај кај Григориј Протопсалт на пример, чиј мелос е многу поедноставен и лесен, но и многу морфолошки похомоген. Но овде сакам да подвлечам дека ова не е својствено само за Калистрат, туку за една цела плејада истакнати мелурзи од XIX и XX век. Следната фраза од напевот на Калистрат отвара уште една дилема. Имено, византискиот мелос во најголем дел е создаван на грчки јазик. Тоа значи дека, мелотворењето се вршело во согласност со прописите на овој јазик. Проблем се јавува при преведувањето на напевите и при мелотворењето по подражавање на оригиналните напеви. Да ја погледнеме спомнатата фраза:Кај Калистрат:

Кај Георги Сарандаеклисиот:

Забележуваме дека во грчкиот пример, словото „παναμώμητον” е составено од 5 слогови, од кои 3-от е нагласен, додека пак, словенскиот еквивалент, „пренепор чну ” има 6 слогови, од кои 3-от е нагласен. Во однос на ритамот, гледаме дека во грчкиот пример доминира четвороделниот ритам, и дека нагласениот слог трае 2 времиња, додека во словенскиот пример овој поредок е деранжиран и нагласокот трае 3 времиња. Станува јасно дека Калистрат се труди да ја вподоби словенската реч во постоечкиот мелодиски образец, изменувајќи ја притоа ритмички фразата, која во оригиналниот извор има своја логика со логиката на изговор на тоа слово во грчкиот јазик. Оваа фраза би можела да се изведе на следните два начина. Првиот начин е поблиску до оригиналот, вториот пак, е позвучен на црковно-словенскиот јазик.

11

и:

Овој напев или поточно начинот на кој тој е запишан (метрофоничката логика на бележење) сведочи и за феноменот на усното предание од тоа историско раздобје и место. Во него препознаваме повеќе од дејствата на квалитативните ипостаси, како се запишани метрафонично. Во овој контекст, нагласувам дека, посебно интересни се напевите преведувани од влашки на црковно-словенски. Но, оваа проблематика е доволна самата посебе за опстојни научни истражувања. А целта на овој труд е да отворат нови перспективи, кои треба во иднина да се разработат систематски.

На самиот крај да сумираме заклучок. Во овој напев кој е на есо прв глас:

1. среќаваме фрази на други гласови (четврти агиа тврдо дијатонски)2. динамиката во некои фрази е условена од виртуозното движење на гласот и придонесува да се наруши целокупноста на

мелосот 3. повеќе внимание се обраќа на аналитичкиот начин на бележење на фразата отколку на самата фраза4. не се внимава на поетскиот размер и ритамот

Оваа композиција на Калистрат, можеби не е на ниво (ги нема квалитетите) од неговиот преубав евхаристиски канон на прв плагален (петти) глас чиј мелос повторно не е традиционален, но таа со сигурност ги бележи музичките тенденции од историското раздобје во кое живее Калистрат. И во ова дело, како впрочем и во делата на неговите современици, забележуваме екстовертност кон одредени надворешни влијанија, кои немаат врска со национални елементи, специфики, мелос и сл., туку се облици на еден „жив културолошки универзализам” својствен за Црквата. Според тоа, творештвото на Калистрат не ќе може да се детерминира од идејата за некаков национален стил. Тоа е плод на опитот во Црквата, и ѝ припаѓа на Црквата. Од тие причини може да се нарече и безвремно.

12

Јеромонах Калистрат Зографски Јеромонах Калистрат Зографски со учениците од школата за пеење во

Манастирот Зограф

Со внукот Славе Санџакоски, син од неговиот брат Јоаким на Света Гора

13

Архимандрит Калистрат Зографски, игумен на Зографскиот манастир

Со тогашната интелигенција во дворот на манастирот Зограф

Портрет кој се наоѓа во гостинската одаја на манастирот Зограф во ред

со портретите на најугледните Зографски игумени

14

КАТАЛОГ НА ЕКСПОНАТИТЕ:1. Манастирот Св. Георгиј Зограф, Света Гора Атонска

денес – фотографија 2. Дворот на Манастирот Св. Георгиј Зограф, Света

Гора Атонска денес – фотографија3. Соборниот храм на Манастирот Св. Георгиј Зограф,

Света Гора Атонска денес – фотографија4. Факсимили од ракописната псалтикија на Крстан

Санџак (Калистрат Зографски) од 1862 година која се наоѓа во Лазарополе

5. Јеромонах Калистрат Зографски – портрет, фотографија. Година: 1891. Автор на фотографијата: Константин Скапердопулос

6. Јеромонах Калистрат Зографски – портрет, фотографија. Година /. Автор на фотографијата Теодор Вафиадис

7. Архимандрит Калистрат Зографски – портрет, пастел

8. Архимандрит Калистрат Зографски – фотографија од игуменскиот портрет, кој се чува во гостинската одаја на Манастирот Зограф на Света Гора Атонска. Автор на фотографијата Томе Љушев

9. Калистрат Зографски со внукот Славе од неговиот брат Јоаким, на Света Гора Атонска – фотографија, Година: /. Автор на фотографијата: /.

1О. Калистрат Зографски со учениците по црковно пеење од Манастирот Зограф – фотографија. Година: /. Автор: /.

11. Ракопис – Достојно јест на глас 1 од Нектариј протопсалт, превед од влашки на Калистрат Зографски

12. Ракопис – Достојно јест на глас 6 од непознат автор, превод од грчки на Калистрат Зографски

13. Зборникот Источно црковно пеење, печатен во 1905 на Света Гора и во Солун, под редакција на Калистрат Зографски – оригинално издание

14. Теоретиконот на Петар Сарафов, во кој, тој изразува благодарност до Калистрат Зографски за стручните совети при подготовката на истиот – оригинално издание

15. Факсимили од необјавени композиции на Калистрат Зографски

16. Службите на Св. Климент и Св. Наум Охридски, од Мосхополскиот кодекс, преведени од грчки на црковно словенски од Калистрат Зографски

17. Фотографија од поменикот што Калистрат го испратил до струшката црква Св. Георгиј Победоносец од Света Гора, на кој е испишано фамилијарното стебло на семејството Санџакоски

18. Летописната книга на струшката црква Св. Георгиј, каде се запишани дарувањата на Калистрат на оваа црква – фототипно издание во редакција на Петар Аврамоски

Музичко научна манифестација СТРУШКА МУЗИЧКА ЕСЕН

Организатор:Сојуз на композиторите на Македонија - СОКОМПретседател:Сони ПетровскиСелектор на СМЕ:Ивона Опетческа ТатарчевскаСоработник на изложбата:Димитри Кумбароски Техничка организација:Лазар Мојсовски

Текстови:проф. д-р о. Стефан Санџакоски, проф. д-р Сотир Голабовскипроф. д-р Јане Коџабашија, д-р Димитри Кумбароски

Редакција на текстовите:д-р Димитри Кумбароски

Идејно решение и дизајн на брошурата:Александар Дејкоски

Графичка обработка и печат:ИРИС - Струга

Контакт адреса:Максим Горки 18, 1000 Скопје, Р. Македонијател/факс. ++389 (0) 2 31 19 824е-маил адреса: [email protected]кom.mk

Н.У. Центар за култура Браќа Миладиновци - Струга

Министерство за културана Република Македонија